Јордан Витанов
Професија: македонски театарски и филмски глумец и режисер.
Јордан Витанов живее и работи во Велес, а по родителите води потекло од велешките села Грнчиште и Горно Чичево. Дипломирал на отсекот за глумечка игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1986 година. Од 1987 година е член на ансамблот на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, каде што во два мандата бил и директор на театарот (1999–2002 и 2006–2017). Покрај ангажманите во театарот, остварил бројни улоги во играни филмови и телевизиски серии, со што оставил значаен печат во македонската театарска и филмска уметност.
Филмографија
| Година | Наслов | Улога |
|---|---|---|
| 1993 | Еурека | ТВ-серија |
| 1994 | Пред дождот | Полицаец |
| 2004 | Големата вода | Војник |
| 2006 | Мост | Огнен |
| 2007 | Јас сум од Титов Велес | ТВ-серија |
| 2007 | Елегија за тебе | Бане |
| 2007 | Цимери | ТВ-серија |
| 2010–2013 | Македонски народни приказни | ТВ-серија |
Театарски достигнувања
Јордан Витанов е еден од најистакнатите актери на македонската театарска сцена, со богата и долготрајна кариера. Меѓу неговите најзначајни улоги се издвојува ликот на Содо Арамијата во претставата „Крчма на патот за Европа“ од Жанина Мирчевска, во режија на Коле Ангеловски, за која ја добил наградата за најдобра машка улога на Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Добитник е и на наградата за најдобра машка улога на Меѓународниот театарски фестивал „Боспорски Агони“ во Керч, Украина, за улогата на Филоктет во истоимената претстава, во режија на Мето Јовановски. Носител е и на повеќе други значајни признанија, меѓу кои Деветоноемвриската награда на Општина Велес, наградата „Петре Прличко“, како и наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“. Покрај матичниот театар, остварувал и бројни ангажмани во други театарски куќи низ државата.







